
Од еден од оштетените Ц.Ј и С.Б. во четири наврати, од март до јули 2011 година, побарале и примиле 137.000 евра, 77.000 евра во готово и 60.000 евра на девизна сметка, измамувајќи го дека се идни сопственици на градежно земјиште со околу 830 метри квадратни површина. Го убедиле оштетениот дека ќе му го продадат откако претходно ќе го пренесат во нивна сопственост.
Ц.Ј. на истиот начин измамил и оштетил уште две лица лажно ветувајки им дека ќе им продаде градежно неизградено земјиште откако тие претходно ќе го пренесат на нивно име. Притоа, на едното лице му ветил дека ќе му продаде градежно земјиште со површина од 250 метри квадратни во Кичево и од него побарал и примил 20.000 евра, а од другото за две градежни парцели во Струга во два наврата побарал и примил 19.000 евра.
Паричните средства во вкупен износ од 176.000 евра кои пријавените ги прибавиле со кривичното дело „измама“ не ги вратиле на оштетените лица, ниту пак сопственоста на градежното земјиште ја пренеле на нивно име.
При реализација на случајот извршен е претрес во домовите на Ц.Ј и С.Б. во Скопје, Кичево и Кочани и во ПМВ сопственост на Ц.Ј., при што се пронајдени предмети (документација која се однесува на предметните катастарски парцели, договори, изјави, штедни книшки, налози за исплата од банка и друга документација), кои со потврди се одземени од осомничените. Двајцата се предадени на надлежен Истражен судија кој им одреди мерка притвор од 30 дена.












