Две лица го загубија животот во тешката сообракајна незгода што утрово околу 5 часот и 25 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Струга во близина на селото Мислешево.


Емин Р. (36) и Вегим Р.(23) двајцата од струшкото село Долна Белица, на лице место им подлегнале на повредите во момент кога патничкото моторно возило марка „Голф„ управувано од сега починатиот Емин Р. излетало од патот и се превртело. Сопатничката во возилото А.К. (18) од Пустец, Република Албанија, која привремено престојувала во Охрид, се здобила со тешки телесни повреди. Истата, итно е пренесена во Општата болница во Струга а поради сериозноста на повредите потоа и во болницата во Битола.

Тешката сообракајна незгода се случила поради неприлагодена брзина според условите и состојбата на магистралниот пат, поради која, сега починатиот Емин Р. кој го управувал патничкото моторно возило од Охрид кон Струга, изгубил контрола врз возилото по што истото преминало на левата страна од коловозната лента и излетало од патот.


Во текот на денов, врз починатите ке биде извршена обдукција од страна на доктор од Судска медицина.

На местото на сообракајната незгода, извршен е увид во присуство на Истражен Судија и Јавен Обвинител од Основниот Суд во Струга како и Полициски екипи од полициската станица во Струга.

OhridNews