Од почетокот на ХИВ СИДА епидемијата до 30 ноември 2022 година во РС Македонија евидентирани се 580 лица со ХИВ СИДА од кои 366 се ХИВ позитивни, а 214 се заболени од СИДА. Од заболените и инфицираните 123 се починати, а доминира машкиот пол на возраст од 25 до 39 години.

Во оваа возрасна група заболени се 516 лица,  а најчест начин на пренос на инфекцијата е преку секс на маж со маж и инфекцијата на тој начин ја стекнале 347 лица. Најчеста возраст е младата популација, лица кои се во репродуктивниот период, рече на денешната прес конференција по повод Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против, епидемилогот Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје во Охрид.

Во Охрид од почетокот на ХИВ СИДА епидемијата до денес во Охрид има 17 позитивни од кои во 2022 година имаме две ново инфицирани лица, а во Струга бројката е исто две лица во 2022 година и едно лице во Дебар, значи во рамки на регионот кој го покрива Центарот за јавно здравје Охрид. Од почетокот на епидемијата во Струга и Дебар заболени и ХИВ позитивни има по 6 лица. И кај нас најчесто новоинфицираните се лица на возраст од 40 до 44 годишини. Починати се три лица во овој регион кој го покрива ЦЗЈ Охрид, останатите благодарение на терапијата имаат квалитетен живот. За време на пандемијата со Ковид имавме многу мал број тестирања и многу малку имавме заболени, додава Стурлакова Коровешоска.

Во Македонија во 2022 година, додава, заболени се 36 лица, од кои 30 ХИВ позитивни, а 6 лица се заболени од СИДА.

Во рамки на оваа глобална кампања на 1 декември Светскиот ден за борба против СИДА, која оваа година се одвива под мотото „ROCK THE RIBBON“, Црвен крст – Охрид е подготвен со низа активности да делува на јавната свест, особено кај младите да ги шири знаењата на оваа болест, со цел превенција и заштита, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Денеска нашите волонтери на јавни места во градот ќе делат црвени панделки како симбол дека СИДАТА постои и за поддршка на оние кои живеат со ХИВ вирусот. Ќе делат едукативни материјали, совети по градските кафулиња, низ продавници, во градскиот пазар. Во основните и средните училишта се испратени типизирани предавања, кои професорите ќе ги презентираат пред децата. Предвидени се и голем број работилници и трибини со младите од средните училишта овде во Црвениот крст, но и во училиштата да се информираат младите за оваа болест и знаењата што ќе ги стекнат да ги пренесуваат на своите врсници, додава Точков.

Потенцира дека оваа кампања во Охрид е поддржана од здружението „Канаѓани за деца во здравствен ризик“ анимирани се наши јавни личности од градот кои дадоа поддршка на оваа кампањата.

Трибините и работилниците ќе бидат во текот на Неделата на борба против СИДА од 1 до 7 декември.

Н.С.Ј.