Радио Охрид и Супер радио денес, на Денот на ослободувањето на градот, го слават својот роденден.
Во 1957 година на иницијатива на тогашното Собранието на општина Охрид е формирано Радио Охрид. Најпрво работи во рамките на Работничкиот Универзитет, а потоа во Домот на културата. На 3 април 1969 година Општинската конференција на Социјалистичкиот сојуз, како основач, носи одлука Радио Охрид да работи како посебна институција за информирање. Во етерот од тоа време се до денеска, секој почеток на програмата е со авизото: “Билјана платно белеше”. Радио Охрид е основоположник на новинарството во градот и урнек по кој многу подоцна се формираа нови електронски медиуми во градот и регионот. Радио Охрид емитува 24 часовна програма, од која, дневно, 15 часа се од сопствена продукција.
Охридското Супер радио денес пак прославува 22 години од постоењето. Радио Супер важи за една од најпопуларните станици во Република Македонија. Програмата ја емитува на 97.00 во регионот на Охрид и Струга, но и во живо на интернет. Роденденот го дочекуваат со екипа од дваесетина водители, техничари, Дџ-и и новинари и радио програма, која изобилува со одбрана музика, но и информации прилагодени на интересите и потребите на охриѓани.
OhridNews на колегите од Радио Охрид и Супер радио им посакува уште многу години успешна работа.
OhridNews