Седумдесет основни и 25 средни училишта во државава ќе добијат грантови за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикулурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција во основните и средните училишта за учебната 2021/2022 година. Во Охрид гратови добија ОУ „Братство Единство“ како самостојно училиште и ОУ „Ванчо Николески“ од село Лескоец во партнерство со друго училиште, се наведува во резултатите од Јавниот повик на МОН.

Наташа Илоска, дефектолог и координатор на проектот во ОУ „Братство Единство“ вели дека со проектот се опфатени активности со ученици на трите наставни јазици, македонски, албански и турски јазик.

Оваа година во активностите вклучени се изработка на мурал на дел од училишната зграда, изработка на нагледни средства за одделенска и предметна настава по повеќе предмети, изработка на трајна инсталација која ќе служи како ликовно катче и изработка на рафтови за изложување на ликовните трудови од учениците, како и наградите и признаијата што би ги добиле на одредени натпревари, вели Илоска.

Децата многу ги сакаат овие активности, вели Илоска, разменуваат идеи, искуства, го учат јазикот едни со други, заеднички истражуваат, одлучуваат и изработуваат нешто што заеднички ќе го користат.

Нашето училиште е извор на тоа како треба мултикултурно да се работи и да се живее и заедно да се изработуваат одредени работи. Со ова се дава еден пример за позитивната клима во училиштето, заеднички како да се живее, како се дава придонес за да се разубави средината во која заеднички ќе учат, ќе се дружат учениците, да се негува толеранцијата, одговорноста, и тимската работа, додава Илоска.

Преку овие активности вели Илоска се рушат и сите јазични бариери и се подобрува меѓусебната комуникација

Од МОН наведуваат дека со изградба на мултиетничко и мултикултурно општество се овозможува градење современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

Н.С.Ј.