Релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието со простор за значително подобрување. Вака ја оценува работата на народните избраници во Собранието Институтот за демократија кој од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. На скала од 1 до 10 (1-најнизок, 10-највисок), средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во второто полугодие на 2021 е 5,4 што споредено со претходниот период на набљудување бележи влошување во сите параметри. Средната оценка за периодот јануари – јуни 2021 е 5,6, се наведува во извештајот објавен вчера.

Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 52% од нивните излагања немаа аргументи, додека во 41% слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7% од дискусијата.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии беше забележана промена на став кај 9 пратеници поради подобри аргументи на соговорниците за точката на дневен ред.Надзорната улога на Собранието во периодот јули – декември 2021 година, остана во втор план. Во овој период се одржа само една седница на пратенички прашања, со што се ограничуваше можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, додека надзорна седница не се одржа ниту една. – се наведува во Извештајот.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 38%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Панчо Минов.

Меѓу десетте пратеници кои нај долго се задржаа на говорницата во овој период на набљудување се најдоа пет пратенички, охриѓанките Жаклина Лазаревска (СДСМ) и Лидија Петкоска (ВМРО ДПМНЕ), како и нивните колешки Гордана Сиљјановска Давкова, Марија Георгиевска и Бети Стаменкоска Трајкоска.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво, стои во Извештајот.

Од јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која Институтот за демократија го спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП). Во периодот јули – декември 2021, набљудувањето било фокусирано на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

Г.М.