Во рамките на холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања од ниската земја“, вечерва со почеток во 21.30 часот во дворното место пред дирекцијата на „Охридско Лето“ во Охрид, ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Црна книга“ и краткиот филм „Повреда“.


„Црна книга“ е филм во режија на познатиот холандски режисер Пол Верховен, кој по 20 години работа во Америка се враќа во родната Холандија. Станува збор за филм сместен во период на нацистички окупираната Холандија
во Втората Светска војна.  

…Да му помогне на холандскиот отпор, една млада еврејка се инфилтрира во штабот на Гестапо. За да можеш да ги победиш треба да станеш еден од нив…

Филмот има добиено награди за најдобар филм, најдобар режисер и главна женска улога на фестивал во Холандија и беше селектиран на престижни меѓународни филмски фестивали како Венеција, Торонто.


„Повреда“ е краток анимиран филм во режија на Арнод Ријкен.

…Кога еден човек ќе се разбуди зад воланот на својот судрен автомобил ќе открие дека ја изгубил својата меморија. Дали е тој виновен за смртта на жената до него?…

Проекцијата на филмовите е бесплатна. Она што е интересно е што посетителите ќе можат да разговараат во врска со филмовите со Рада Шешиќ, селектор на филмовите на холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања
од ниската земја“, која ќе има и воведно обраќање пред нивната проекција.


Филмската програма „Високи достигнувања од ниската земја“ е во организација на Промо центарот Јавна соба од Скопје, а поддржана од Охридско лето, Центарот за култура Глигор Прличев од Охрид, Министерството за култура,
Холанд Филм и Cultural Aid.

Ohridnews