Македонското Здружение за остеопороза покрена иницијатива за задолжителен годишен преглед на секоја жена на возраст над 65 години со цел навремено откривање и спречување на заболувањето остеопороза. Како што информираат од здружението, иницијативата е испратена до надлежните институции и се надеваат дека иницијативата за измена на законот наскоро ќе биде прифатена.


– Ова е само еден начин во борбата со остеопорозата. Се претпоставува дека околу 120.000 лица од Македонија имаат остеопороза, а при тоа бројот на дијагностицирани лица не е повеќе од 20.000 лица што зборува за многу низок процент на навремено откриени случаи, кои соодветно се третираат. Доколку се вршат годишни задолжителни прегледи сметаме дека ќе успееме да придонесеме кон навременото откривање на случаите, истакна проф. Д- р Снежана Марковиќ- Темелкова, претседател на Здружението за остеопороза која учествуваше на денешната едукација на трибината организирана по повод Светскиот ден за остеопороза.


Секојдневните физички вежби, пешачењето, внесувањето на калциумот и витаминот Д, се основните фактори кои превентивно делуваат врз спречувањето на остеопорозата, укажуваат лекарите.

– Треба превентивно да се дејствува уште во младоста и наведените витамини да се внесуваат преку исхраната. Физичките активности да се неизоставен дел од секојдневието. Кај оние лица кај кои пак веќе е дијагностицирана остеопороза или кај луѓето на над 60 години најдобро е кога витамините се внесуваат преку даден супститут, истакна претставникот на Интернационалната Фондација за остеопороза, Џуди Стенмарк.


По завршувањето на едукацијата, под мотото Сакајте си ги коските- заедно сме нескршливи, членовите на македонското здружение, заедно со пациентите , подржувачите и лекарите од Охрид, Струга и Битола, одржаа марш покрај Кејот на езрото. Целта на одржувањето на маршот е да се промовира здравиот начин на живот и да се зголеми информираноста помеѓу граѓаните за поголема грижа за коските за да се спречат нови скршеници како последица на остеопорозата. 

OhridNews