Координирано делување на релевантните институции во случаите на семејно насилство поголема превенција и заштита на жртвите на семејно насилство е целта на дводневната обука, која Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ ќе ја организира во Охрид.

Обуката ќе се одржи утре и задутре во хотелот Ројал Вју, а со неа ќе бидат опфатени преставници на здравствениот сектор, полицијата, образованието, социјална заштита и невладиниот сектор.

Покрај СОЖМ , во организација на обуката  се вклучени и Светската здравствена организација и Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Заедничката програма на Обединетите нации за превенција од семејното насилство.

Вакви обуки ќе бидат одржани  и во Кавадарци, Струмица, Битола, Гостивар, Куманово, Штип и Скопје.

Заедничкиот протокол за постапување во случаи на семејно насилство е одобрен од страна на Владата во рамките на Заедничката програма на Обединетите нации за „Зајакнување на националните капацитети за превенција на семејното насилство“, финансирана од Владата на Кралството Холандија и Фондот на Обединетите нации за елиминација на насилството врз жените.

OhridNews