Бројот на корисници на социјална заштита во Охрид од година во година бележи континуиран пораст. Според статистичките податоци објавени во публикацијата „Социјална заштита на деца, млади и возрасни 2013-2014“ која ја објави Државниот завод за статистика, на подрачјето на Охридскиот регион во текот на ланската година биле евидентирани 883 полнолетни лица кои се корисници на социјална заштита по различни основи. Оваа бројка е речиси двојно поголема од бројката во 2012 година, кога било евидентирано 431 лице, во листата на корисници на социјална заштита.

Дека континуирано се зголемува бројот на корисници од оваа категорија покажува и споредбата со претходните години, кога биле евидентирани значително помал број на корисници. Според публикациите за социјална заштита во 2011 година, во евиденцијата на социјално загрозени биле запишани 340 лица, во 2010 биле евидентирани 317, а во 2009 година 114 полнолетни корисници на социјална заштита од Охрид.

Статистичката евиденција од 2013 година покажува дека најголема бројка или 341 лице е запишано во категоријата на Социјално исклучени. Втора по бројност е листата во категоријата Лица со пречки во менталниот развој, каде се евидентирани вкупно 339 корисници. За телесен инвалидитет, социјално се обезбедени 68 охриѓани, а социјална заштита добиваат и 58 лица кои имаат комбинирани пречки во развојот. Социјалан помош од државата добиваат и 32 лица со оштетен вид, 25 лица со оштетен слух и 15 стари лица од Охрид.

Во публикацијата со податоци од  2013 година, може да се види дека во Охрид има евидентирано и 535 малолетни лица кои се корисници на социјална заштита. Оваа бројка е многу помала од бројката во 2012 година, кога биле заишани 1.375 корисници на социјална заштита од оваа категорија.

Е.М