Во Македонија невработеноста останува исклучително голем социоекономски проблем наспроти сите мерки, кои засилено ги презема Владата, промовирајќи ја земјата со евтина работна сила, објавува „Дојче Веле“.
На веб – страницата на Агенцијата за вработување е наведено дека на крајот на јуни годинава имало вкупно 215.442 невработени лица, од кои активно бараат работа само 100.176 лица. Најголем број лица без работа – 9.330 биле евидентирани во Скопје, потоа следуваат Тетово со 7.036 невработени лица и Куманово со 4.144 такви лица. Според Заводот за статистика, во првото тримесечје од 2014 стапката на невработеност изнесувала 28.4 проценти, додека во 2008-ма имало 310.409 невработени, а стапката на невработеност била 33,8. Исклучително високата невработеност во најголема мера ги погодува токму младите.
Марјан Петрески, експерт за применета макроекономија од Универзитетот „Американ Колеџ“ од Скопје вака гледа на причините за големата невработеност во земјата: „Тоа е акутен проблем. Особено долгорочната невработеност, која остана во Македонија како рецидив на првите години од транзицијата и од процесот на преструктурирање на претпријатијата. Таа се решава најтешко, бидејќи државата немаше можност бргу да ги надомести оние работни места, кои беа загубени во фирмите што се затворија во 90-ите години од минатиот век. Подоцна, кога започнаа да се создаваат нови работни места, тие повторно не можеа да ги апсорбираат овие луѓе, кои останаа како долготрајно невработени, затоа што во таквата состојба еродираа нивните вештини и знаења“.
Академикот и експерт за бизнисекономија Абдулменаф Беџети од Штуловиот универзитет во Тетово упатува критички забелешки на сметка на владините активности за ублажување на невработеноста: „Не, ние немаме сет на активни политики на трудот. Тука е проблемот. Кога Владата поставува една цел, заборава на други цели: кога таа пројавува желба да привлече 500 милиони долари директни странски инвестиции, таа заборава на потребата за оптимизирање на другите фактори на производството и под кои услови ќе го спроведе тоа. На пример, се распродава општествен имот, само за да се донесе некој инвеститор од типот на Субрата Рој. Целта е само да се ’наполни’ бројката, а не е важно што се донесува во земјата. Погрешни се сите политики на промоции на инвестициите. Од вкупните странски инвестиции имаме многу малку новосоздадена вредност, а токму тоа е она што и’ е потребно на една здрава национална економија. Во случајов, од некаде над 500 милиони евра реализиран извоз од странските инвеститори, Македонија акумулирала добивка од само околу 25 милиони евра од нивните капацитети! Значи, само 5 проценти од тој извоз остануваат во државата, и покрај сите преференцијални и други услови и субвенции, кои им се даваат на странските инвеститори“.
Здравко Савевски, експерт за трудово-правна проблематика и политички науки од Универзитетот „Фон“ во Скопје тврди: „Дефинитивно, тоа што во Македонија се привлекуваат такви странски инвеститори, кои се подготвени многу евтино, недостоинствено евтино да ја платат работната сила, добива облик на економски неоколонијализам, кој е стимулиран од нашата сопствена Влада. На пример, ако германска фирма инвестира во Македонија, тогаш таа не ги плаќа македонските работници според германски стандарди, туку според македонските стандарди и тоа оние најлошите. Мора поинаку да се постави економската политика, да не се гледа толку слепо неолибералистички и да се нуди се’ и сешто на странскиот капитал. Бидејќи, тој странски капитал е заинтересиран само за профитот. Ако нему му се дозволи да не ги почитува правата на нашите работници, вклучувајќи и исплата на достоинствени плати, тогаш тој ќе извлекува не големи профити, туку екстрапрофити од Македонија, кои се невобичаено високи и за нивните земји“.
Извор: „Дојче Веле“