Масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување на урбанистички планови, не донесените годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирањето на урбанистички планови од приватни лица, не изрекувањето на глоби спрема прекршителите, придонесуваат да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите.

Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, Зелен катастар во форма на ГИС 1 портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво, се вели во последниот извештај на Државниот завод за ревизија Државниот завод за ревизија за успешност на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“.

Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид е донесена за период од 2023 – 2032 година, со стратешка цел Охрид да стане одржлив „зелен град“, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м2 по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури.

 

Градот Скопје има воспоставено Зелен катастар во форма на ГИС портал во 2009 година, а податоците последен пат се ажурирани во 2021 година. Овој ГИС портал не е во целост воспоставен, од причини што не го опфаќа општинското зеленило, односно недостасува поврзување со општините во градот кои исто така имаат јавни зелени површини кои ги одржуваат. Општина Кавадарци во 2020 година има направено попис на зелените површини и нивно вметнување во ГИС порталот на кој покрај зелените површини се и урбанистичките планови. Општина Охрид изготвила Зелен катастар во форма на ГИС портал, но истиот не е јавно достапен, додека општините Битола и Прилеп имаат направено инвентарисување на зелените површини, но не се во ГИС апликација и не се јавно достапни. Општина Битола до денот на ревизијата има подготвено три извештаи за фактичката состојба.

Ревизорите дадоа негативен одговор на прашањето дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.

Поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институциите, резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање, посочуваат.

Во услови кога донесувањето на нов Просторен план како највисок стратешки документ на државата, велат од ДЗР,  доцни повеќе од четири години, имајќи ги во предвид настанатите суштински промени во општествениот, економскиот, демографскиот и просторниот развој, постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на не ажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата.

Постапката за донесување на урбанистички планови се врши преку електронски систем е-урбанизам, но поради комплексноста, обезбедувањето на мислења од 22-30 институции/установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23%) имаат важечки ГУП, 24 општини (71%) имаат ГУП со изминат плански период, а две општини (6%) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план. Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот, стои во извештајот.

Во периодот од 2020-2024 година, 77% од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени, поради не почитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени општини трае и до 4 години. ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.

За надминување на утврдените состојби, потенцираат од ДЗР, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите.

OhridNews

извор. ДЗР