Со извршената ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на МОН за 2023 година утврдени се слабости во управувањето со капиталните инвестиции, недовршени објекти и неизвршени технички прием, несоодветно користење на средства за учебници за основно образование, како и ненаплатени побарувања по основ на студентски кредити стари повеќе од една деценија, велат од Државниот завод за ревизија.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за образование и наука (МОН) на сметката на основен буџет, сметките за средства од буџет на заеми од Светска банка – Проект за унапредување на основното образование и Банката за Развој при Советот на Европа – Проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на училишни објекти, како и на сметката за буџет на донации – средства од Европската комисија во рамки на Програмата на ЕУ – Хоризонт Европа, за 2023 година.

Утврдени се  состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на сметката на основен буџет, како и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од 1.106.023 илјади денари, односно приближно 18.000.000 евра, евидентирани како „Долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“, посочуваат.

Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, велат, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Дополнително, не бил уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средствата, ниту критериумите врз основа на кои бил извршен изборот на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти.

Ревизорите утврдија слабости и во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки за капитални инвестиции на Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово, Средното стручно образование и обука „Ванчо Питошески”, Охрид и ОУ „Мирче Ацев“ – с. Лажани, кои се реализирани преку сметката на основен буџет и сметката за средства од буџет на заеми – Проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на основни и средни училишта, велат од ДЗР.

Ревизорите во делот за останати прашања укажуваат дека законската регулатива не ги дефинира јасно критериумите за утврдување на висината на платите на посебните советници во јавниот сектор, како и дека учебниците по странски јазици за основно образование не се обезбедени во последните шест години, што негативно влијае на квалитетот на образованието и го отежнува наставниот процес.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

OhridNews