„Е-агро берза преку СМС“ ќе биде насловен пилот проектот кој најверојатно ќе започне да се реализира од средината на април. Овој проект, кој беше промовиран неодамна  ќе има за цел да овозможи поголема конкурентност на пазарот на тргување со земјоделски култури во Република Македонија и достигнување на повисока цена на истите.

Проектот се спроведува во соработка со компанијата „Ериксон“ и со него во почетокот ќе бидат опфатени 100 фармери и 10 големи откупувачи на земјоделски производи. Системот ќе функционира така што на одреден број ќе се праќа СМС порака по што откупувачите ќе можат да видат кој производ и во колкави количини се нуди, а потоа да испратат кратка порака. Оној што ќе ја понуди највисоката цена ќе добие сигнал како да склучи договор.

Во зависност од успехот на пилот проектот, Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работи на надградба на системот со цел во иднина да може да го користат сите земјоделци и откупувачи на земјоделски производи.

Македонија е втора држава, по Индија каде „Ериксон“ спроведува ваков проект. За реализација на пилот – фазата на проектот, Владата на Република Македонија има потпишано Меморандум за разбирање со „Ериксон“.

OhridNews