Деновиве, новинарот и публицист од Охрид, Стојан Савески ја презентираше неговата е-публикација посветена на Манастирот Свети Наум. Извонредно значајните јубилеи –1140 години од започнувањето на Наумовата учителска дејност, 1130 година од подигањето на храмот, 315 години од поставувањето на иконостасот и престолните икони, како и живописувањето кое е завршено пред 220 години беа непосреден мотив за создавањето на оваа публикација и потсетување на вредностите на еден од најстарите средновековни словенски манастири, истакнува авторот.
Трудот е посветен на вредностите на едно од најголемите и најзначајни жаришта на словенската писменост, култура и духовен живот во Македонија. Манастирот Свети Наум, (подигнат меѓу 893 и 900 г.) над единаесет векови, ја одржува самобитноста на Македонскиот народ. Зрачи во целиот словенски свет, зашто оттука – на тој род – им е дадена можноста за себе определување преку основните човекови вредности – писмо и писменост, книжевност, култура, традиции со цел подобро да го разберат Универзумот, односно стварноста, вели Савески.
Авторот истакнува дека ова светилиште (свето место) е едно од ретките кое подеднакво е почитувано кај различните конфесии, што останало како завет/традиција кај многу генерации до ден-денешен. Забележано е дека манастирот Свети Наум и неговите старешини, низ неговата долга историја, развивале силни врски со моќни империи давајќи силен импулс во подигнувањето на универзалните човекови вредности, посебно преку развојот на книжевната дејност.

Несомнено е дека се започнува со втемелувачот на манастирот – преподобниот Свети Наум, наречен уште Охридскиот чудотворец, кој по угледот на својот собрат Светиот Климент Охридски (што во стариот дел на Охрид го изградил манастирот посветен на Свети Пантелејмон), својата црква ја подигнал самостојно и ја посветил на Светите Архангели. Светите Климент и Наум се меѓу петте ( покрај Сава, Горазд и Ангелариј ) најверни следбеници на сесловенските просветителите – Светите Кирил и Методиј, по чија погибија, мисијата на себе спознавање на Христијанското население преку свое писмо, просветителска дејност, достапност, пред се, на теолошките списи на разбирлив јазик, но и на други книжевни дела, ја продолжиле својата мисија во Деволската област, која се протегала на тромеѓето на денешна Македонија, Албанија и Грција. За подигање на насушните потреби на Словенскиот свет ја основаат славната Охридска книжевна школа низ која минуваат над 3,5 илјади ученици, и која со право се смета за прв Словенски универзитет. Бројни ракописи создадени од охридските просветители денес може да се сретнат низ еминетни библиотеки во Москва, Санкт Петербург, Киев, Ватикан, Белград, Синај, Софија…, пишувани на глаголица, а од XII век со поинтензивна употреба на кирилско писмо.
Доцниот среден (XV) век е обвиен со темнина, така што многу малку се знае за случувањата околу манастирот… Во XVI и XVII век се одвиваат големи градежни активности што резултираат со денешниот изглед на манастирската црква. Врз темелите на старата градба најпрво се обновени наосот и нартексот, а во втората фаза се подигнати волуменозните куполи, и гробниот параклис на Светителот, што се наоѓа на јужната страна на манастирот. За време на големата обнова градителите користеле камени блокови и столбови од старата црква, на кои биле врежани епиграфски натписи, со глаголско и кирилско писмо, кои се сведоштво за најраните периоди на словенската писменост… Еден од дешифрираните написи гласи … „Господи, помилуј го твојот слуга…“, што укажува дека манастирот уште од најраниот период бил доста посетуван и имал активен живот… се подвлекува во публикацијата.
По обновата на манастирската црква, која започнала да се именува како Свети Наум, следува внатрешното декорирање, кое го одбележува едно од најугледните зографски семејства од Корча – браќата Константин и Атанас Вако/Вику со потекло од село Поткожани. Комплетната визуелна преродба на внатрешноста на храмот ја организирал игуменот Гаврил, притоа овозможувајќи му на Константин, во 1711 година, да го создаде иконостасот во манастирот како едно од највредните ранобарокни резбарски дела со византиски иконопис на Балканот. Скоро сто години потоа (од 1800 до 1806 г.) свој печат преку живописувањето на најсветите места на манастирот – олтарот, наосот и јужниот параклис, остава мајстор Трпо Зограф, син на Константин. Се споменува дека Трпо уживал статус на прв и најпрестижен мајстор во југозападна Македонија.
Според зборовите на авторот е-публикацијата на Англиски јазик е достапна на самостојно изработен е-носач, што може да се набави преку контакт со самиот автор. Негова интенција е во текот на септември оваа година во неколку балкански центри кои во минатото имале силни врски со манастирот Свети Наум да бидат преставени околу 30-тина репрезентативни дела од фрескосликарските и иконописни решенија од манастирот Свети Наум.
OhridNews













