Согласно Програмата за заштита на животна средина и природа секоја година ќе се врши доделување на пластични канти од 120 л за селекција на отпад на домаќинствата на територија на Охрид, информираа од Локалната. Оваа година канти, ќе добијат индивидуалните домаќинства на улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“, „Кузман Капидан“, „Илинденска“, „Кочо Рацин“, „Климентов Универзитет“ и „Браќа Миладиновци“.

Целта на оваа активност е да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигање на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина. Во голема мера отпадот се собира во нестандарна амбалажа, а со собирање во пластични канти се подобруваат хигиенско – санитарните услови, заради тоа што нема непријатни миризби и нема разнесување на отпадот и формирање на диви депонии, велат од Општина Охрид.

Граѓаните кантите ќе можат да ги подигнат во просториите на Ј.П.„Охридски Комуналец“, Р.Е.„Механизација“ на ул.„АСНОМ“. Истите ќе може да се подигнат секој работен ден во период од  13.12.2021 до 14.01.2022 година, од 07.00 до 13.00 часот. Кантите за отпад треба да бидат  оставени на лесно достапни места за возилото за собирање на отпад согласно предвидената динамика за собирање на отпадот од наведената улица, информираа од Општина Охрид .

 

OhridNews