Започнаа подготвителните активности за реконструкција на улиците „Даме Груев“ и дел од „Момчило Јорданоски“ во Охрид, што ќе донесе подобри сообраќајни решенија за жителите од населбите Христо Узунов и Гоце Делчев, позната како Бараки.

Се очекува да се изврши и регулацијата на атмосферските води, а ќе бидат реконструирани и тротоарите за да се обезбеди поголема безбедност на пешаците.

Активностите во Охрид се дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој за 2022 година. За реконструкција на овие сообраќајници обезбедени се околу 18 милиони денари, поголемиот дел од централниот буџет, а со дел на средства учествува и Општина Охрид, како партнер во проектот, нагласува директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, м-р Мирјана Лозаноска.

На воведувањето во работа на кое присуствуваа претставници на Општина Охрид, ЈП Нискоградба, Изведувачите на работите, Надзорниот орган и Центарот за развој на Југозападниот плански регион беше разгледана динамиката на работа и активностите што треба да се реализираат со цел да се подобрат комуналните услови на жителите во населбите Христо Узунов и Гоце Делчев.

Во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, чија вкупна вредност е скоро 45 милиони денари, ќе се врши реконструкција на улиците во стариот дел на Струга, партерно ќе се уредува Туристичкиот центар „Ванчо Србакоски“ во Вевчани и ќе реконструира локалната сообраќајница од Центар Жупа до селото Бајрамовци, во Општина Центар Жупа, додава Лозаноска.

OhridNews