Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување од петок планирано е да се упатат на опожарениот и поширокиот дел од Галичица со цел да започне со уништување на заостанати неексплодирани убојни средства од балканските и Првата светска војна.

Планирано е екипи на Дирекцијата за заштита и спасување на опожарениот дел од планината Галичица и на поголемиот простор од планината од 17 до 24 септември согласно со оперативниот план за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства да спроведат активности за пронаоѓање и уништување на овие средства. Пред да се започне со уништување на неескплодираните средства има процедури кои мора да се запазат од безбедносни причини, велат за OhridNews од Дирекцијата за заштита и спасување.

 

Во пожарот кој неколку дена беше активен на Галичица гореше сува трева, грмушки и ниска деградирана ретка шума, а беа слушани и преку 20 експлозии од неексплодирани екплозивни направи. Во моментот кога пожарот се прошири према подолните падини и западниот дел на планината Галичица, од преку 2200 метри надморска височина, се спушти на 1600 метри, се создадоа услови да може да се делува со воздухоплови, но и со човечка сила.  Во гасењето беше вклучен еден хеликоптер на Воздухопловниот ВИНГ, а се делуваше и со човечка сила со претставници на Центарот за управување со кризи, НП„Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и Службата за спасување на планина од охридскиот Црвен крст.

Претходно, теренот беше непристапен за гаснење од земја со човечка сила и ризичен поради заостанати неексплодирани убојни средства од балканските и Првата светска војна и постои реална опасност од нивно активирање.

Н.С.Ј.