Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржува изградбата на патот од Охрид кон Пештани и од Требеништа до Струга. Ова денеска во Лондон го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на потпишувањето на договорот со првиот потпретседател на Банката Фил Бенет и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов, со кој ЕБОР ќе обезбеди дополнителни 21 милион евра со кои се овозможува, наместо реконструкција на постоечкиот, изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани. Исто така ЕБОР ја поддржува и изградбата на патот од Раевци до Дреново која, ќе започне набрзо.

Експресниот пат Штип – Кочани ќе биде со должина од 28 километри и ќе има четири ленти. Ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот, а ќе се влијае и на заштита на животната средина. Треба да почне да се гради во првиот квартал следната година.

Минатата година Европската банка за обнова и развој и одобри на Република Македонија 86 милиони евра за изградба на патните правци од Охрид до Пештани и од Струга до Требеништа. 

Изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Пештани во должина од 14,5 километри ќе се гради паралелно на постојаниот пат покрај плажите, а во натамошниот период ќе биде меѓусебно поврзан со попречни локални патишта. Со изградба на оваа делница на ниво на експресен пат ќе се олесни протокот на сообраќајот низ населените места особено во летните месеци од годината. Автопатската делница од Требеништа до Струга ќе биде со должина од 8,5 километри. Автопатското решение предвидува изградба на нова делница со коловоз од по две ленти со широчина од 3,75 метри и по една застанувачка лента широка 2,5 метри во секој правец. Проектна брзина за движење на возилата ќе биде 120(130) км/час.

Најголем дел од експресниот пат Охрид – Пештани минува низ Националниот парк Галичица, на што се спротистатвуваат екологистите и граѓанските здруженија од областа на заштита на животната средина, како и експерти. Забелешките тие ги изнесоа на јавните расправи за измена на планот за управување на Националниот парк Галичица и презентацијата на стратешката оцена за влијание на проектот врз животната средина што на почетокото од годината ги организираше јавната установа НП „Галичица“. Екологистите предупредија дека со реализација на проектот ќе бидат загрозени ендемични видови флора и дека ќе се прекинат природните патишта по кои се движат животните. Во јуни се одржа консултативен состанок на ЕБОР со експерти од државните институции од земјава и еколошки друштва, при што беше најавено ревидирање на планот за изградба на експресниот пат од Охрид до Пештани. Дали и какви корекции ќе претрпи овој амбициозен проект, останува да се види кога ќе биде презентиран финалниот план.

Г.М.