Еден доктори на науки и 45 магистри од подрачјето на Охридскиот регион чекаат да бидат вработени. Ова го покажува евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија заклучно со месец септември 2014 година. Статистичките показатели говорат дека бројот на невработени магистри пораснал за 11 лица во споредба со истиот период во 2013 година, кога биле евидентирани 34 невработени кои одбраниле магистерски труд.

Мака со пронаоѓање на работа во Охрид имаат и 828 лица со високо образование. Во евиденцијата на невработени охриѓани запишано е и 191 лице со виша школа и 1.304 лица со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа бараат 1.032, а со основно образование 1.192 охриѓани.

Регистарот на Агенцијата за вработување, веќе неколку години наназад покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години. Од вкупно 4.593 евидентирани невработени лица, заклучно со септември, дури 2.748 се постари од 40 години. На возраст од 30 до 40 години запишани се 850 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид работа бараат и 995 лица, помлади од 30 години.

Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со бројка од 2.553 невработени или 513 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.040 места.

OhridNews