Иако подготовките за матурските прослави од година во година стануваат вистински луксуз за родителите, тие воопшто  не го штедат својот буџет за да му ги исполнат  сите желби на својот матурант.

-Само нека е за убаво, сме дочекале да биде матурантка, па сега ќе се потрошиме. Не е важно како ќе се снајдеме, нешто од заштеда, нешто од кредитните картички, но ќе и овозможиме да си купи што сака. И ние сме биле матуранти, ова е нешто што се памети и затоа треба да му се обрне посебно внимание, вели една горда мајка на матурантка, која ја затекнавме во еден од охридските бутици.

По традиција најголем дел од семејниот буџет кој е наменет за матурата му припаѓа на матурскиот стајлинг.  За да се дотера еден матурант за најлудата средношколска вечер, според цените низ охридските бутици,  родителите мора да издвојат најмалку 150 евра, без разлика дали нивниот матурант е ќерка или син.


За машките цените на костумите се движат од 5.500 денари па нагоре, кошулите може да се најдат по цена од 1.000 до 1.800 денари, а чевлите од 1.200 до над 6.000 денари. На ова треба да се додадат и трошоците за вратоврска и ремен, кои заедно може да се чинат од 1.000 до 2.500 денари.

За девојките цените на кратките фустани се движат од 3.800 до 7.500 денари, додека долгите фустани се со цени од 5.500 до 15.000 денари и според трговците зависат од  изработката, материјалот, но најмногу од производителот. Чевлите и сандалите се со цени од 1.200 до над 6.000 денари, а чантите се движат од 500 па до над 3.000 денари. На оваа треба да се додадат и трошоците  за накит, фризура и шминка, кои заедно достигнуваат од 2.000 до над 5.000 денари. Матурантките кои можат да си приуштат дополнителен трошок, пред матурските прослави одат на посебни козметички третмани, прават солариум, надградба на трепки и нокти што секако е дополнителен трошок.


Според искусните трговци со текстил во Охрид, годинава карактеристично е тоа што машките матуранти не сакаат класични костуми.

-Сакаат да носат костум, но да е  поспортски. Годинава тренд се  пократки и струкирани сакоа што се комбинираат со пантолони во друга боја. Овие  комбинациии најчесто се надополнуваат со умерено струкирани  кошули  во посветла боја. Најчесто матурантите не сакаат да купуваат вратоврска, а оние кои веќе се одлучуваат да ја носат, избираат тесна вратоврска, која сега е модерна, вели Милчо Колески, сопственик на бутикот ,,Емили”.


Што се однесува до девојките, Колески вели дека годинава најчето се барале и се купувале долгите фустани.

-Оваа матурска сезона, продадовме повеќе долги свечени  фустани,  но секако имаше и матурантки кои бараа кратки фустанчиња, но и фустани кои во предниот дел се пократки, а во задниот дел се подолги. Во поглед на боите годинава модерни  се керамида боја, праска, зелена боја, јака црвена и темно сина боја, вели  Колески.

Тој нагласува дека многу внимаваат да не продадат ист фустан или костум, во исто средно училиште во Охрид.


-Бидејќи  секој матурант сака да биде уникатен, многу внимаваме на тој детал и оние кои купуваат гардероба за матурската прослава кај нас, ги запишуваме, со цел да не се случи да има исто облечени матуранти на иста прослава во Охрид, вели Колески.

Тој нагласува дека иако во Охрид има голем избор на гардероба и има пристапни цени, кај матурантите често е тренд да одат надвор од градот за да пазарат за матура. Но овој тренд е присутен и во другите градови во Македонија, па така голем дел од  матурантите од  Ресен, од Битола, од Дебар и од Кичево купуваат матурска облека во Охрид.

Покрај трошоците за гардероба за првата матурска вечер, родителите на матурантите треба да издвојат средства и за гардероба за втората и за третата вечер од матура. Тука се неизбежните трошоци за вечерата во ресторан, трошоците подарок за партнерот и матурското табло. На ова треба да се додадат и трошоците за пречек на  роднините и пријателите кои ќе дојдат на честитање за матурантот,  при што, само за матурската трпеза треба да се издвојат од 100 до 200 евра. Поради неможноста да ги примат сите гости дома, во последните неколку години има родители кои приготвуваат посебни матурски прослави низ охридските кафеани, каде цената по особа се движи од 400 до над 1.500 денари.

Е.М