Вчера вечер во 19.40 часот на автопатот Демир Капија – Неготино се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фолксваген Фејтон“ со скопски регистарски ознаки, товарно моторно возило со приколка марка „Сканија“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од 61-годишен жител на Кавадарци и патничко моторно возило марка „Адрија Матрикс“ со српски национални ознаки, управувано од 52-годишен државјанин на Република Србија.

По незгодата возачот на „ Фолксваген Фејтон “, во кое се превезувале 13 лица-мигранти (10 од Пакистан и три од Бангладеш) го напуштил местото на настанот. Едно 20 – годишно лице од Бангладеш починало, додека четири лица-мигранти се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје, а осуммина од мигрантите се здобиле со телесни повреди и им била укажана помош во болницата во Кавадарци, инфомира МВР.

Увид на местото на настанот извршил јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино и се преземаат мерки за расчистување на случајот. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

OhridNews