Силно невреме синоќа го погоди подрачјето на Шибеник, при што еден човек го загуби животот.

Хрватските медиуми пишуваат дека итните служби интервенирале во текот на целата ноќ, а ветерот корнел дрва и покриви.

„Според нашата евиденција, утрово до 6 часот, на подрачјето на Шибеник и Бродарица, оштетени се 16 автомобили“, изјави службеник од центарот на Итната служба.

Пријави за уништени возила, меѓутоа, пристигнале и по шест часот.

Мажот кој го загуби животот, за време на бурата пловел со рибарски брод, околу 23:30 часот. Покрената била голема потера што завршила трагично. Околу 3 часот по полноќ, мажот бил пронајден мртов.