Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ вчера ја организираше последната консултативна средба со сите засегнати чинители од регионот собрани на едно место. Средбата беше поддржана преку ИПА 2 механизмот за граѓански организации, како и Греен Грантс фондот. Сите заклучоци од средбата ќе бидат пренесени на претстојниот состанок кој здружението ќе го одржи со реактивната мисија на УНЕСКО на 12 април во Охрид, најавуваат од „ЕДЕН“.
На консултативната средба присуствуваа институции од регионот, граѓански организации и граѓани. Имаше и онлајн вклучување на Наташа Доневска, консултант за одржлив развој, еден од трите консултанти кои ја пишуваа номинацијата за Прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа. Таа пред присутните зборуваше на тема „Заштитени зони во охридско-преспанскиот регион во рамки на програмите на УНЕСКО“.
– На заштитата на животната средина не смее да се гледа како на неможност за остварување профит, напротив, туризмот во регионот постои токму поради природата и токму затоа не смееме да си дозволиме да ја уништиме засекогаш. Уништувањето на природата ќе значи уништување на туризмот“, рече Драгана Велковска од Здружението „ЕДЕН“.
– Зборуваме за развој на туризмот, а државата обезбедува субвенции во износ од 65 евра по турист кој за својот престој плаќа 100 евра. Нема никаква економска логика во таквата практика со која се поттикнува масовен туризам кој е целосно несоодветен за регионот“, се изјасни загрижен граѓанин кој е долгогодишен туристички работник.
– Ме боли кога го гледам езерото вакво. Не треба да зборуваме дека ќе го заштитиме, туку треба да го сториме тоа“, истакна д-р Вера Новевска од Македонското лимнолошко друштво, инаку пензиониран научник со 35-годишен работен стаж во Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Меѓу другото, на средбата се зборуваше за отпадот како голем проблем во регионот и општо на целата територија на РМ. Еден од главните заклучоци беше дека не се почитува законската регулатива и дека е неопходно нејзино спроведување доколку сакаме регионот да оди напред. Нужна е масовна едукација за огромното природно богатство со коерасполага регионот и за неговото зачувување доколку сакаме трајни резултати.
Присутните беа едногласни дека регионот не смее да го изгуби статусот УНЕСКО и дека сè што води кон тоа мора да запре.
OhridNews