Главни цели на нашата советничка листа ќе бидат решавање на проблемите во туризмот, што значи да се намалат нелегалните промети во оваа дејност, како на пример сивата економија, која му нанесува огромни штети на локалниот буџет, како што е неплаќање на туристичка такса и персонален данок. Од една страна Охрид е западнат во големи долгови, а од друга страна локалните самоуправи во минатото не знаеле да си го наплатат она што им следува,изјави на денешната прес конференција носителот на советничката листа на Единствена Македонија, Владимир Суклоски.

На сите локални избори се зборува за Стратегија за туризам, а никаде ја нема. Ќе иницираме и ќе бараме претставници на нашата советничка група да бидат присутни при изработката на Стратегијата, која пред се ќе даде акцент на културниот туризам. Мораме да го развиваме културниот туризам со побрзо темпо, бидејќи може да се практикува 12 месеци и за тој тип на туризам доаѓаат квалитетни гости со сознанија однапред добиени за Охрид и имаат поголема вонпансионска потрошувачка, бараат подобри сместувачки капацитети, што значи поголем профит за Охрид, вели Суклоски.

Додава дека кандидатите за членови во советот од нивната советничка листа „Граѓанска листа зависна од граѓаните на Охрид“, ќе покренат иницијатива за ревизија на договорот за поранешниот градски полигон кој му е отстапен на ГП „Гранит“, како долг во врска со изградба на колекторот. Да се видат вистинските финансии и финансиска состојба и соодветно на тоа општината и градоначалникот да преземат мерки за враќање на полигонот и училиштето „Св. Сава“ повторно на Охрид.

Хипотеката која е поставена на „Гранит“ се реализираше со огромни суми од камати. Ревизијата ќе се однесува токму на тоа. Во однос на девастацијата на централното градско подрачје градскиот полигон и хотел „Палас“, два споменици на одредени приказни од минатото, се доведени до работ на пропаѓање, вели Зоран Здравковиќ, кандидат за советник на Единствена Македонија, која настапува под мото „Граѓанска листа зависна од граѓаните на Охрид“.

 

Никој не се ангажира овие две места да го добијат ликот кој го заслужуваат. Нема пристапни патишта во Охрид, Инфраструктурата е оставена на работ на времето. Во предизборната кампања се вадат дека не е завршена децентрализацијата и не може затоа локалната власт да делува. Нашата граѓанска советничка листа сака да покаже дека може да се исправат работите, иако сите мислат дека централната власт доминара и не можеме да делуваме, додава Здравковиќ.

Н.С.Ј.