Добрата вест за враќањето на холандските туристи во Охрид не потраа ниту ден. За тоа се погрижија локалните насилници кои викендов сееја страв помеѓу охриѓани и гостите предизвикувајќи сериозни инциденти во кои се повредени неколку лица.

Триесет и девет годишен охриѓанец е повреден со остар предмет во пределот на вратот во инцидентот што се случи на паркингот пред спортската сала, по излегување од ноќен клуб. Тој и 22 годишно лице од Охрид, биле нападнати од тројца охриѓани при што биле удирани со тупаници и клоци, како и со шишиња по главите.Потешко повредениот бил пренесен во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, каде е заджан на лекување и се наоѓа вон животна опасност.

Полицијата ги приведе напаѓачите кои и биле добро познати. Против еден од нив е поднесена кривична пријава за убиство во обид, а двајца ќе одговараат за насилство.Според првичните информаци од истрагата причина за инцидентот биле нерасчистените односи помеѓу напаѓачите и помладиот од нападнатите кој претходно добивал закани по телефон.



Насилниот викенд во Охрид го надопополнија уште два инциденти. Гостин во кафетеријата  се обидел расправијата да ја реши со гасен пиштол, а во друг случај  нервозен охриѓанец со нож го нападнал обезбедувањето на ноќен клуб затоа што не го пуштило да влезе во објектот. За среќа бил брзо совладан од полицијата, која морала да употреби сила затоа што лицето пружало отпор.
 
Инцидентите што се случуваат пред стартот на туристичката сезона му штетат на имиџот на Охрид, кој сериозно е нарушен поради немилите настани во изминатите неколку години. Во обид да се спречат несакани последици, надлежните инспекциски служби, угостителите и СВР Охрид на состанокот што се одржа неодамна се договорија строго да бидат применувани законските прописи, а полицијата засилено да патролира на местата каде што има поголема концентрација на угостителски објекти и луѓе.

Агресивното однесување на младите и честите нарушувања на јавниот ред и мир треба да го запалат алармот кај надлежните институции, кои не можат повеќе да се амнестираат од одговорност за состојбите во охридското угостителство под изговор дека немаат ингеренции. Институциите конечно ќе треба да почнат да ги применуваат законите доследно и без протекции,  полицијата и инспекциите да покажат поголема решителност, а судовите ефикасност и правичност. Тогаш и угостителите и посетителите ќе немаат ниту оправдување ниту простор за незаконско однесување.

OhridNews