Отварање на пристигнатите понуди и јавно наддавање по објавениот конкурс на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издавање на Охридското езеро под концесија за стопански риболов, сепак се оддржало, дознава OhridNews. Од надлежното министерство од каде вчера бевме известени дека тоа ќе се случи до крајот на оваа недела, а понудите ќе се отвараат идната недела, се извинуваат за направената грешка, посочувајќи дека постапката за избор на концесионер за стопански риболов започнала, додека процедурата за избор на концесионер за рекреативен риболов на Охридското Езеро е во тек.
Како што неофицијално дознаваме, на јавниот оглас за давање на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се јавила само една фирма од Охрид. Од надлежното министерство официјално не соопштуваат колку понуди присигнале на објавениот оглас за давање под концесија на Охридското Езеро за стопански риболов, но информираат дека врз основ на извршеното наддавање, комисијата за доделување на концесии за најповолните понуди се очекува да достави предлог до владата на РМ која треба да ја донесе конечната одлука кој ќе биде концесионер на езерото.
Право на учество на конкурсот имаа правни лица кои се регистрирани за дејност рибарство, имаат вработено најмалку едно лице со високо образование од областа на природните науки кои се поврзани со  рибарство или имаат склучен договор за соработка со научна или образовна установа од областа на рибарството. Апликантите требаше да располагаат и со минимум опрема која е потребна за вршење риболов и која е утврдена во Риболовната основа за Охридското Езеро.
Концесијата за стопански риболов се нуди  за период од шест години, а висината на надоместокот за стопанисување изнесува над 200 илјади евра или точно  12.362.500 денари.
Понудите за давање на Охридското Езеро под концесија за рекреативен риболов по распишаниот оглас се прибираат до утре, а отварањетое на 14-ти мај во 14 часот.
OhridNews