Повеќе од една година по стравотната повреда што ја доби на првенствениот меч во чешкото првенство со Теплице, 30-годишниот напаѓач на Славија од Прага, Ристе Наумов уште не е доволно заздравен за да може да му се врати на фудбалот.

Несреќниот момент се случи по еден дуел со Мартин Клеин, по што Наумов имаше двојна фрактура на ногата. Прогнозите беа дека сигурно ќе паузира шест месеци, но, според докторите, постои можност и да ја заврши фудбалската кариера.


– Неодамна почнав со лесни тренинзи. Мојот договор со Славија заврши, но имам разбирање од нивна страна и во моментот кога ќе сум подготвен за игра може да се борам за место во тимот. Уште не сум сигурен каде ќе ја продолжам кариерата – рече Наумов, кој не ја исклучи можноста да ја напушти Прага и да замине во друг клуб.

Ангажманот во Славија дојде по одличната сезона во Жижков, каде што беше најдобар стрелец во тимот, по трансферот во „црвено-белите“ на 14 меча постигна три гола, а како дел од тимот во Евролигата на УЕФА постигна гол против Валенсија на „Месталја“ во групната фаза. Повредата дојде во најнезгодниот период од неговата кариера.

– Никогаш во фудбалот, но и во животот не знаеш што те чека. Тоа беше дел од секунда, се случи што се случи и сега мора да гледаме напред, кон иднината. Се надевам дека брзо ќе закрепнам и повторно ќе играм – вели Наумов.

Фокусиран на работата во клубот, што побрза санација на повредата и враќање на зелениот терен е она за што размислува Наумов. Поранешниот фудбалер на Цементарница и на Вардар посакува крај на фудбалската кариера да стави во македонскиот шампионат.

– Можно е да се вратам во Македонија и тука да ја завршам играчката кариера, а потоа размислувам да се вклучам во работата со млади категории – вели Наумов, кој очекува со напорната работа да се врати во тимот на Славија и уште 2-3 сезони да продолжи да игра на интернационално ниво.

Видео : Стартот над Наумов по кој доби скршеница на ногата

М.П.