Со настап во живо во кафетеријата Ликвид, актерот Никола Тодороски, вечерва, ќе одбележи една година стендап комедија во Охрид.
-Тоа ќе биде комбинација од сите досегашни мои настапи , а ги имаше десетина. Најдобрите моменти од тие настапи ќе бидат репризно презентирани пред охридската публика , но ќе има и изненадувања, изјави Никола Тодороски.

Никола Тодороски
Стендапот е нов жанр во Охрид, па и во Македонија, а Никола Тодороски е еден од основоположниците на овој вид комедија. Паралелно со настапите во живо Никола сними и две сезони од интернет поткаст проектот „Идиотека“ кој ексклузивно се емитува на OhridNews.
-Се обидувам со хумористичен приод да опишам делови од нашето секојдневие. Притоа се дистанцираме од политичкиот хумор, што сметам дека е важно затоа што во земјава во последниве години, посебно од транзицијата наваму, тој вид на хумор беше премногу застапен, па дури мислам и дека се злоупотребуваше на некој начин, истакна Тодороски.

Стендап комичарот Тодороски најави нови проекти, кои, како што рече, треба да придонесат за популаризација на стендап комедијата во Македонија, која е во зародиш.
Настапот на Никола Тодороски во Ликвид започнува во 22 часот, а OhridNews за 10 љубители на стендап комедијата обезбеди 10 бесплатни влезници. Единствено што треба да направите е да наведете точен наслов од една епизода на популариот интернет серијал „Идиотека“ што се емитува на OhridNews и одговорот да го испратите на нашата e-mai адреса: [email protected].
Имињата на добитниците на влезници кои ќе бидат избрани компјутерски, ќе бидат објавени во 18. часот.











