Со хуманитарна „хард-рок“ забава, синоќа во Охрид беше одбележан првиот роденден на локалното Здружение за заштита, помош и вдомување животни, „Анималиа“.

Охридските активисти од оваа невладина организација, преку голем број акции за вдомување, учество во проекти на национално ниво и организирање јавни трибини од едукативен карактер, во изминатата година покажаа дека се вистински заштитници на бездомните животни во Охрид.

Чувството е прекрасно, со оглед на тоа што мина една година како да беше вчера. Во таа една година спасени се многу животинки, подигната е свеста за правата на животните, а и поттикнати се многу граѓани да вдомат милениче. Со оглед на тоа што ние секогаш велиме дека може и повеќе, фидбекот од страна на граѓаните и другите љубители на животни, ни говори дека за толку кратко време сепак сме постигнале многу, а и нашата препознатливост во градот кажува доволно.“  – вели Климент Арнаудов од локалното здружение „Анималиа“.

Придвижување од „мртва точка“

Во моментов, „Анималиа“ располага со неколку кафези каде привремено се згрижуваат бездомните животни од градските средини. Арнаудов открива дека во план е изградба на прифатилиште со соодветни услови, а во меѓувреме кучињата ќе бидат истретирани, вакцинирани, чипирани и вратени на улица.

Како невладина организација, ние сме и монитори и контролори на третманот на бездомните животни. Сме во соработка со општината и ЈП Комуналец, и ете ќе откријам мала тајна, во план е изградба на прифатилиште со соодветни стандарди и услови за бездомните животни. Нека граѓаните не очекуваат дека сите бездомни животни ќе бидат отстраенти од улиците, сепак и тие имаат право на слободно движење и хабитат. Она што ќе е новина е тоа што истите ќе бидат истретирани, вакцинирани, чипирани и вратени на улица. Исто така, започнуваме соработка и со странски лица кои се загрижени за состојбата на бездомните животни во РМ, особено во Охрид. Неопходна ќе ни е нивна помош доколку се реализира проектот со изградба на прифатилиштето.“  – потенцира Арнаудов.

„Заедно растеме“

Наскоро во Охрид ќе започне со реализација на проектот „Заедно растеме“, во кој преку едукативни работилници низ основните училишта во градот, ќе се цели кон подигнување на јавната свест за бездомните животни.

Сметаме дека најдобро се стекнуваат тие морални вредности и знаења од најрана возраст, а после тешко е да се менуваат. Сме биел дел од неколку проекти за заштита на бездомните животни, трибини, сме организирале повеќе акции за вдомување, сме протестирале за правата на животните и сл.“ – смета Арнаудов.

„Анималиа“ во брошурите на TUI Netherlands

Изминативе денови, активистите на „Aнималиа“ беа дел од „тим-билдинг“ средбата на тимот на TUI и Ohrid Holidays, одржана во Конгресниот центар во Охрид.

Она за што бевме поканети на оваа средба е конекцијата на релација туризам – животни и можноста ние како невладина организација, во соработка со TUI и Ohrid Holidays, да допринесеме за позитивен туристички имиџ на градот како одржлива дестинација. Гакт е дека многу од туристите се љубители на животни, па истите не сакаат да бидат сведоци на животни кои страдаат, кои се тепани и малтретирани. Ни недостига повисока свест за да овие сцени исчезнат и Охрид како туристичка дестинација да биде уште попривлечен за туристите, нешто за што ние како невладина организација и тоа како можеме да придонесеме.“ – истакнува Арнаудов.

Подршка и од Швајцарија

Со промоција на охридското здружение „Анималиа“, во швајцарскиот град Базел беше одбележан Светскиот ден на животните „Welttierschutztag“.

Им благодариме за помошта која ни ја укажуваат на нас како здружение, и секако најважното – за помошта укажана на животните. Ќе дојдат подобри денови и за нив.“ – завршува Арнаудов.

O.T.