Двесте илјади американски долари ќе бидат вложени во изработка на Менаџмент план за управување со Охридското Езеро, кој треба да понуди решенија за проблемите со кои се соочува најголемиот природен резервоар на питка вода во овој дел од Европа. Средствата се обезбедени преку проектот за заштита на Дримскиот басен, чиј дел е и сливот на Охридското Езеро.
– Сите треба да бидат вклучени во реализација на овој проект затоа што можеби ова е една од последните шанси нешто да направиме за Охридското Езеро, а не само да зборуваме дека сме загрижени за него. – изјави Дејан Пановски – координатор на ГЕФ Дримскиот проект.
Дејан Пановски
За изработка на менаџмент планот за управување со Охридското Езеро распишан е меѓународен оглас кој ќе биде отворен до 25 септември, а рокот за изработка е 18 месеци. Документот е во согласност со Европската рамковна директива за води и ќе биде обврзувачки за Македонија и Албанија.
-Целокупната задача ќе биде всушност да се изготви конкретен план за управување, затоа што проблемите секојдневно се натрупуваат, а решенија нема, гледаме дека имаме само спорадични повици за заштита и квалитетно уравување со охридскиот слив но конкретен план нема. Овој менаџмент план ќе биде всушност документот кој ќе ги даде тие решенија кој што потоа ќе се преточи во конкретен акционен план за целокупниот Дрински басен кој ќе биде политички документ кој ќе ги принуди земјите да го спроведат.– објасни Пановски.
Во изготвувањето на Менаџмент планот за управување и заштита на Охридското Езеро ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти.
Г.М.












