Само за една плажа на охридското крајбрежје нема интерес за изнајмување под закуп, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во дневникот на Тв Сител.
-Имаше организиран бојкот, но сега само за една плажа не се јавија заинтересирани, додека сите останати ќе бидат издадени и веќе потпишав неколку договори. Таа плажа нема да се даде под концесија и сите објекти кои се наоѓаат таму ќе бидат урнати, односно истата ќе биде слободна за користење за домашните и странските гости, изјави во дневникот на Сител министерот Јанакиески.
Министерството за транспорт и врски неодамна распиша последен оглас за издавање на преостанатите 7 плажи на охридското крајбрежје, за кои на претходните две јавни наддавања немаше интерес. Иако поранешните концесионери најавуваа дека нема економска оправданост плажите да ги работат под понудените услови, очигледно во меѓувреме потенцијалните закупци го промениле мислењето, па според најавите на надлежниот министер само една охридска плажа, која не беше наведена, нема да биде издадена под закуп.