Новогодишната ноќ во Охрид помина мирно и без посериозни инциденти, изјави за OhridNews, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

-Регистрирани се само две помали нарушувања на јавниот ред и мир во две кафетерии. Во првиот случај дошло до вербална расправија, а во вториот едно лице било удрено со шлаканица, информираше Димоски.

Во текот на новогодишната ноќ регистрирана е и една сообраќајна незгода во која учествувале охридско такси возило и патничко возило со скопски регистерски таблички, при што е направена помала материјална штета. Сообраќајката се случила на пресекот помеѓу булеварот „Туристичка“ и ул „Абас Емин“, а причина било непочитување на првенство на минување.

Новата година мирно и без поголеми инциденти се прослави во целата држава информираше денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

-Единствените настани кои беа регистрирани во текот на новогодишната ноќ беа две тепачки. Утрово имаше два пожари, неколку кражби и дваесетина сообраќајни несреќи, што споредено и со други денови на нормално функционирање и работење е бројка која е помала од вообичаеното и мене ме радува што имавме мирна и весела новогодишна ноќ, истакна Јанкуловска.

OhridNews