Едно лице го загуби животот, а четири имаат тешки телесни повреди, по сообраќајната незгода што утрово во 01 часот и 25 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на црквата „Св.Еразмо“.

  • На местото на тешката сообраќајна незгода, на здобиените повреди им подлегнал Д.Р.(38) од Охрид кој управувал патнички автомобил марка „Фиат Пунто“ со охридски регистарски таблици. Во автомобилот, сопатници биле и лицата Љ.С.(51), И.Р.(51), И.Ѓ.(56) и Ј.К.С.(35), сите од Охрид кои се здобиле со тешки телесни повреди. Со телесни повреди, се здобил и А.М.(31) од охридското село Лешани, кој управувал товарно моторно возило марка „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки. Повредените се префрлени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Сообраќајната незгода се случила кога товарното моторно возило „Мерцедес“ кое по магистралниот пат се движело од Охрид кон Подмолје, со предната лева страна удрило во патничкиот автомобил „Фиат Пунто“ управувано од сега починатиот. По инерција од ударот, товарното возило излетало на левата страна од патот.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Охрид предводена од Јавен обвинител. За време на увидот, сообраќајот на магистралниот пат беше запрен во двата правци и пренасочен по регионалниот пат Охрид-Струга. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција, а врз товарното возило ќе се врши вонреден технички преглед и  вештачење.

OhridNews