Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што вчера во 14 часот и 25 минути се случила на магистралниот пат Кичево-Гостивар во близина на патот за селата Колибари и Длапкин Дол. Од здобиените повреди, во општата болница во Гостивар, починало 76-годишно лице од селото Колибари, кој претходно во тешка здравствена состојба од местото на несреќата, со возило на Брза помош, бил префрлен во Општата болница во Кичево.
– Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, управувајќи патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, сакал од локалниот пат од селото Колибари да се вклучи на магистралниот пат Кичево-Гостивар. Притоа, во левата бочна страна од неговото возило „Мерцедес“ удрил патнички автомобил „Ауди“ со кичевски регистарски таблици кое по магистралниот пат се движело кон Кичево. Трите лица кои се наоѓале во ова возило, од кичевското село Премка, биле пренесени во Општата болница во Кичево каде им биле констатирани лесни телесни повреди, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Кичево. Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција и дополнително вештачење врз возилата.
OhridNews