Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на свесноста за аутизам. Втори април се одбележува како светски ден од 2008 година. Воведен е со одлука на Генералното собрание на ОН, а Македонија се вклучи во одбележувањето од 2010 година. Датумот 2 април е избран во 2007 година од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации, со цел да се сврти светското внимание кон аутизмот како растечки глобален здравствен проблем. Во текот на 1980 година, според статистичките податоци, аутизмот бил дијагностициран кај околу четири на десет илјади деца. Најновите истражувања покажуваат дека денес 1 од 50 деца има аутизам.

Паралелно со напорите да се подигне свеста за аутизмот се случуваат и промени во критериумите за дијагностицирање на аутизмот кој сегашната медицина го признава како цел спектар на пореметувања. Денешниот назив гласи Аутисм Спецтрум Дисордер (АСД)) и опфаќа широк спектар на симптоми кои ги преминуваат границите на класичните симптоми на аутизмот, вклучувајќи гранични случаи на потешкотии во социјалната и комуникативната сфера, како и одредено стереотипно однесување кај детето.

Точната бројка на лицата со аутизам во Македонија, како и на новооткриените случаи годишно е непозната, бидејќи во државата не постои официјален национален регистар. Во исто време, велат родителите, недостасува рана дијагностика и рано почнување со работна терапија со дефектолог и логопед, пред третата година.
Потребно е и едуцирање на педијатри за рано препознавање на состојбата и рана дијагноза. Потребни се и субспецијалисти кои ќе се едуцираат во оваа област за следење на состојбата кај децата, како и за соодветен третман. Специфичните техники на работа за кои е покажано дека имаат подобар успех од класичните методи на работа, кај нас се уште се непознати и слабо се применуваат, со ретки исклучоци.

Кај нас постои недостиг од дефектолози во државата. Исто така нивната едукација за време на студирањето е по стара програма. Завршуваат факултет без да бидат обучени за работа со децата со аутистичен спектар на однесување. Недостасува посебен профил на дефектолози т.н. окупациски терапевт, чија задача е да го научи детето да се грижи за себе и да биде што посамостојно во извршување на секојдневните задачи. Има и недостиг на повеќе дневни центри кои ќе функционираат со полно работно време, додека родителите работат, а кои ќе се спроведува третман за рана интервенција и едукација. Итно е потребна помош од државата и во одредување на персонален асистент, кој ќе биде платен да го придружува секое дете кое може да ја следи наставата во редовно училиште, велат родителите.

Инклузија на лицата со аутизам во општеството исто така е нерешено прашање. Со нив треба да работи тим на стручни лица за нивен правилен развој и обука за стручни вештини со кои ќе можат да се вработат и да се оспособат за вклучување во општеството по завршување на основно или средно образование.

OhridNews