Ранец, боички, тетратки, колажи, моливи, острилки, блокчиња, пластелин, се само дел од она што родителите мораат да го купат за своето прваче во пресрет на новата учебна година. На ова треба да се додадат и трошоците за новата гардероба на детето, па семејствата со новиот ученик, за предучилишниот шопинг треба да издвојат поголем дел од домашниот буџет.

Според пресметката која ја направи OhridNews врз основа на просечните цените низ книжарниците и бутиците низ Охрид, за да се подготви едно прваче за првиот училишен ден потребни се околу 65 евра или 4.100 денари. Додека пак оние родители кои имаат подлабок џеб ќе можат да потрошат и повеќе од 200 евра.

Најголем дел од трошокот за училишен прибор за прваче, опфаќа училишниот ранец, кој може да се најде по цена од 300 па до над 3.000 денари. Цените на ранците зависат пред се од квалитетот на изработката и од неговата марка. Според вработените во книжарниците низ Охрид, родителите најчесто се одлучуваат за ранците кои се по цена од 1.000 до 1.500 денари.

-Освен ранецот, за едно прваче од училишен прибор се потребни тетратки за почетно пишување, тетратки со коцки, блокче, колаж, дрвени боички, фломастери, пластелин, чантичка за моливи и гуми, а сето тоа заедно може да се купи по цена од 600 до 1.000 денари во зависност од квалитетот и цената на производите. Само за пример, имаме боички и за 50 и за 120 денари, а имаме тетратки и од 10 и од 40 денари, појаснуваат сопствениците на неколку охридски книжарници кои ги посетивме.

Тие велат дека оваа година евидентирале многу помал промет во споредба со истиот период во изминатите години.

-Речиси и да не се чувствува дека е почеток на учебна година, во минатото не сме можеле да постигнеме со работа пред 1-ви септември, а приборот за училиште се барал уште од 15-ти август. Но економската криза си ги направи своето, така што родителите се принудени да го чекаат почетокот на учебната година, па  според програмата која ќе им ја соопштаат учителите и наставниците ќе го купат потребниот прибор, велат од охридските книжарници.

Оттаму нагласуваат дека помалиот промет се должи и на големата конкуренција која им ја прават супер-маркетите во Охрид, кои нудат голема палета на училишен прибор.

Помал промет пред почетокот на учебната година, во споредба со минатото бележат и бутиците за деца во Охрид. Според информациите кои ги добивме оттаму за да се опреми едно прваче со основна гардероба од панталони, блуза и јакна родителот ќе треба да издвои од 2.500 до 5.400 денари. На оваа сума ќе треба да се додадат и трошоците за обувки кои во зависност од марката се движат од 700 до над 3.000 денари.

Покрај трошоците за прибор и гардероба, по традиција семејствата кои имаат првачиња често прават и семејни прослави, а роднините и пријателите им доаѓаат на честитање за првачето.

Е.М