Градоначалникот Никола Бакрачески и директорот на охридската Општа болница потпишаа меморандум за соработка , со кој во наредниот период од општинскиот буџет ќе се издвојуваат по 5000 денари за секое новородено дете во општината.

Како што појасна градоначалникот, постапката ќе се одвива во две фази. Во првата ќе бидат опфатени сите новороденчиња родени во охридското Одделение за гинекологија, чии родители живеат и работаат во Охрид. Во втората фаза ќе се опфатени новороденчињата  кои се родени во друг град или држава, но чии родители се со постојано живеалиште во Охрид.

Овој чекор на општина Охрид е продолжување на напорите на владата за зголемување на наталитетот во Македонија, што е основен услов за раст и развој на едно општество. Без подобрување на наталитетната ставка не може  да се планира  долгорочен прогрес на општетството . Се надевам дека оваа наша иницијатива во иднина ќе биде надградувана и дека кога ќе се подобрат условите, ќе ја зголемиме ставката за оваа намена, изјави градоначалникот Бакрачески.

Обврска на Општата болница ќе биде во текот на првите десет дена од месецот  до локалната самоуправа да доставуваат список на новородени деца со евиденција за родителите, врз основ на кој службите при локалната самоуправа ќе го вршат доделувањето на паричните средства.

Ова е за прв пат, на овој начин да се воспостави соработка помеѓу општата болница и локалната самоуправа. Иако станува збор за симболичен износ на еднократна помош сепак таа во првиот момент за родителите е многу корисна, додека се снајдат мајките со нивните бебиња, изјави директорот на Општа болница, д- р Љубен Арнаудов.

Средствата се веќе обезбедени, што значи дека доделувањето на парите за новороденчињата стартува веднаш по потпишувањето на меморандумот.

Т.Кувенџиска