Владата го усвои Предлог-законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност, со што институциите се обврзуваат и се мотивираат да ја имплементираат реформата која за граѓаните, компаниите и субјектите (за сите физички и правни лица) значи обезбедување на сите потребни документи за кои се води службена евиденција со поднесување на само едно иницијално барање. Тоа значи дека граѓаните своите барања за издавање на уверенија, сертификати, потврди, изводи и друго  ќе ги поднесуваат на еден шалтер.

– Со донесувањето на предложениот закон се создава правна основа за задолжително прибавување и размена на докази и податоци по службена должност за сите институции, што ќе овозможи поефикасна и поедноставна управна постапка, а ќе ги намали административните бариери за субјектите во остварувањето на нивните права и правни интереси, велат од владата.

Имено, доколку една странка има потреба да извади некоја исправа, а за да ја извади таа исправа странката треба да поднесе и други документи, странката нема да мора како досега да оди по шалтери и да ги извади и прибави сите претходни документи за да ја добие исправата која и треба, туку во иднина ќе треба да поднесе само едно барање за добивање на исправа на еден шалтер на кој иницијално се добива таа исправа, а сите останати документи кои се водат во официјалните регистри органот кој ја издава иницијалната исправа која се побарува ќе ги обезбеди по службена должност.

Странката барањето за остварување на право, односно правен интерес е должна да го достави на образец, на кој таксативно се наведени доказите и податоците кои странката е должна да ги приложи кон барањето, и доказите и податоците кои органот надлежен за решавање ги прибавува по службена должност.

По поднесувањето на барањето од страна на странката на шалтерот на органот кој е надлежен за издавање на исправата, самиот орган за издавање на исправата ќе треба во рок од три дена да ги обезбеди другите исправи кои се потребни за издавање на исправата доколку тие се доставуваат по електронски пат, или во рок од седум дена доколку тие се доставуваат по писмен пат. На самиот шалтер на органот странката ќе ги подмири сите трошоци кои се потребни за добивање на исправите кои се потребни, а се обезбедуваат од други органи, а не како досега да има обврска на секој шалтер кој издава исправа во секој орган да плаќа посебно.

OhridNews