Од оваа учебна година за прв пат е воведен моделот на дуално образование во Општинското угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, додека пак четврта година со ред овој модел на образование се спроведува во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид.

Директорот на Општинското угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески“,  Марјан Радески вели дека во оваа учебна година дуално образование ќе посетуваат 11 ученици во насоката келнер и 15 ученици од насоката готвач.

Преку дуалното образование учениците добиваат повеќе практична работа во компаниите, стекнуваат работни навики, технички вештини и на пазарот на трудот излегуваат со знаење, припремени да влезат во работен процес, додава Радески.

Веќе четврта година ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид успешно ја реализира наставата во дуално образование со компаниите „Костал“,„ ЛТХ-Леарница“ и „ОДВ-Електрик“. За успехот на овој проект говори и фактот дека секоја година се зголемува интересот за запишување во овие профили. Меѓусебната соработка се реализира преку координатори од страна на сите чинители, а плановите за реализација на практичната настава се прилагодуваат на потребите посебно за секоја компанија. Нашето позитивно искуство од минатите три години даде импулс за формирање на паралелки од оваа учебна година и на други профили во дуално образование низ целата држава, вели директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид, Сашо Недески.

Учениците започнуваат со практична настава во компаниите од втора година, која ја реализираат сертифицирани обучувачи од самата компанија и професори по практична настава. Учениците преку зголемениот фонд на часови подолго време престојуваат во компаниите, во текот на целото школување се во истата компанија и стекнуваат чувство на припадност во компанијата запознавајќи го комплетно производниот процес и начинот на работа. Компаниите добиваат обучен кадар по нивни барања и стандарди и по завршување на школувањето им обезбедуваат вработување во компанијата, вели Недески.

Вкупно 170 ученици од ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид посетуваат дуално образование од кои 106 ученици од прва до четврта година во профилите Техничар за индустриска мехатроника и Техничар за производно машинство, кои реализираат настава по прилагодена програма од германски модел за наши стандарди. 64 ученици се од прва година во ново формираните паралелки во профилите Машински техничар (15), Техничар за компјутерско управување (8), Техничар за козметичка нега и убавина (15) и Техничар за патен сообраќај (26), додава Недески.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека огромен напредок има во имплементацијата на моделот на дуалното образование. Од 11 фирми кои на почетокот биле вклучени во процесот на дуалното образование, денес бројката е 211 нови фирми. Од овие 211 фирми, 188 се приватни фирми (мали, средни и големи), 23 фирми се јавни и државни претпријатија и здравствени установи, а 10 се занаетчиски дуќани.

Н.С.Ј.