Успешна реализација на проектот Обука за наставници во „Костал“ на тема „Напредни технологии во автомобилскиот сектор“. Проектот започна во април минатата година и траеше до крајот на 2021 година и вклучуваше 1800 часови на предавања, најчесто онлајн, но и физички посети на 14 професори од техничката струка и 32 ученици од завршните години во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Ивана Георгиевска експерт од Швајцарската агенција за образование и вработување во Македонија, на завршниот настан од проектот на кој беа доделни и сертификатите за успешно завршена обука истакна дека континуираното инвестирање во професионалниот развој на наставниците е нужност која утре се рефлектира во резултатите што ги постигнуваат учениците.

Кога говориме за квалитет во стручното образование, суштински момент е дека е потребно учеството на приватниот сектор, како што е токму оваа ситуација каде што „Костал“ беше иницијатор за да се спроведе една ваква професионална обука за напредни вештини кај наставниците. Радуваат ваквите примери на соработка помеѓу „Костал“ и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и тие практично веќе ја унапредуваат реториката дека не може да се очекува дека училиштата сами може да продуцираат квалитетни кадри, туку тоа се прави во заедништво со приватниот сектор. Се надеваме дека оваа слика ќе ја гледаме зачестено, а што ќе значи дека би се создавале повеќе партнерства, што нужно ќе наметне потреба од координација, на ниво на сектор, индустриски кластер или општина. Така што општината тука игра важна улога во поттикнувањето на ваквите партнерства, додаде Георгиевска.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека силно верува дека токму ваквите проекти претставуваат основа за силен економски развој.

Единствено само преку соработката помеѓу локалните компании и средните стручни училишта може да ги подготвиме младите за нивната идна професија, но во согласнот со потребите на компаниите. Еден од позначајните сегменти е практичната обука во компаниите, бидејќи покрај теоријата учениците се надградуваат и во работната средина, односно се подготвуваат за реалниот свет. Тука сакам да изразам благодарност до Швајцарската агенција за развој која овозможи реализација на проектот каде се обучија наставниците кои понатаму своите знаења и искуства ќе ги пренесат на учениците. Пренесувањето на искуствата од развиените држави се и тоа како важни, бидејќи на тој начин се заштедува на драгоцено време и средства. Нашата заложба како локална самоуправа е интензивирање на соработката со компаниите од приватниот сектор преку средните стручни училишта, рече Пецаков.

Градоначалникот упати повик и до останатите чинители од приватниот сектор да го следат примерот на „Костал“, потенцирајќи дека истиот треба да биде повеќе отворен за прием на ученици на практична обука.

Виктор Мизо, генерален директор на „Костал“ потенцира дека општествената одговорност добива на значење ако се работи за трансфер на вистински знаења и вештини кои се применливи на подолг период и не се амортизираат како материјалните средства.

Овој проект е рефлексија на потребата на „Костал“ за систематско подобрување и доусовршување на младиот кадар кој произлегува од средното училиште во Охрид со паралелна обука на наставниот кадар. Самата обука не е само за подобрување на техничкото знаење и потребите на индустријата, туку многу повеќе тоа значи понапредни процеси и производи кои ги развива групацијата „Костал“ подолг врменски период и на тој начин можност да креираме соодветен наставен кадар и соодветни знаења на идните млади генерации за да можат да одговорат на овие предизвици, рече Мизо.

Директорот на училиштето Сашо Недески изрази благодарност за соработката со „Костал“ изминатите години потенцирајќи на значењето на дуалното образование, но и на донациите на преносни компјутери за онлајн настава, како и рачна дупчалка во рамките на овој последен проект, но и за придонесот за успешно аплицирање и добивање на проект за набавка на современа опрема.

Со новите наставни планови и програми кои се прилагодени на потребите од компаниите од изучување на модуларно дизајнирани предмети потребно е да се вклучат методски единици кои се применуваат во самите компании за која цел во месец април започна со реализација проектот. Учесниците се стекнаа со знаење за високо технолошки производствени процеси со цел на подобар начин да можат на сегашните и идни ученици да им ги пренесат потребните вештини и знаења со што ќе се зголеми квалитетот на воспитно образовниот процес во училиштето, потенцираше Недески.

Проектот  е поддржан од Општина Охрид, „Костал“ , ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, а се реализира во рамки на швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“. Вкупната вредност на проектот е околу 25 илјади евра.

Н.С.Ј.