Едукативно предавање за ракот на дојка ќе се одржи денеска  во 18 часот во големата сала на Општина Охрид.

На предавањето што го организира Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“ од Скопје, д-р Мери Пешевска – специјалист онколог од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје ќе говори на тема: „Рано откривање и третман кај ракот на дојката“; а д-р  Милан Ристески – специјалист онколог од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје, ќе се осврне на тема: „Реинкарнација на куркуминот во модерната медицина базирана на докази“.

Здружението за борба против рак „БОРКА“ во Охрид ќе го промовира и подели прирачникот за жените заболени од рак на дојка „Дали е тоа рак на дојка“, а Медикус-хелп ќе промовира и додели прирачник за физичките активности на жените заболени од рак на дојка. На настанот ќе бидат презентирани и специјални ортопедски помагала, а на одреден број на жени заболени од рак на дојка со лоша социјална положба „Борка“ ќе им донира протези и специјални градници. Истите се донација од фондацијата Тхе Росе Фоундатион од Хјустон – Тексас, САД, партнер на Здружението „Борка“.

Настанот е потпомогнат од женскиот центар „Бисера“ од Охрид и локалната самоуправа.

OhridNews