ГРК Охрид ја совлада екипата на Дукла Прага 30:21, полувреме 16:9, во првиот натпревар од 1/8 финалето од ЕХФ Европскиот Куп, што се одигра вечерва во салата “Билјанини извори”.
Охрид диктираше ритам во текот на целиот натпревар и постојано го зголемуваше водството. Во финишот домаќинот имаше и двоцифрена предност (30:17), но со серија голови чешкиот противник намали на -9.
Хрватскиот интернационалец на голот на Охрид, Кристијан Пилиповиќ, со 14 одбрани и 1 постигнат гол беше најдобриот поединец во редовите на домаќинот.
Мислам дека игравме и така и така. Во еден период одигравме навистина добро, но имавме и падови во играта. Публиката во тие моменти не поддржа и на крај славевме со +9. Тоа е добар резултат, но ќе биде тешко во реваншот, Прага игра модерен и брз ракомет и мора да сме сериозни во реваншот затоа што може се да се случи, изјави за Охридњуз голманот Пилиповиќ.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Ѓукиќ со 8 голови, Иванковиќ постигна еден помалку.
Статистиката ГРК Охрид: Пилиповиќ 1 (14 одбрани), Блажески (1 одбрана), Борозан, Ѓукиќ 8, Иванковиќ 7, Ојлески 4, Стрмљан 2, Тасески 2, Петриќ 2, Прибетиќ 2, Јагуриноски 1, Лиапис 1.
Натпреварот Охрид го заврши без грчкиот интернационалец Лиапис кој заработи повреда во првото полувреме.
Реванш натпреварот се игра во Прага на 21 февруари.
Г.М.
Фото: А. Момироска

















