Европската комисија (ЕК) очекува политичките партии во Македонија да се однесуваат конструктивно и да обезбедат веродостојни и демократски предвремени парламентарни избори, кои според договорот од Пржино се закажани за 24-ти април.
„Европската комисија повика повеќе пати дека е од најголема важност на партиите да го спроведат политичкиот договор што тие го постигнаа заедно минатиот јуни и јули. Конструктивна соработка меѓу сите страни е од суштинско значење за да се осигураат веродостојни и демократски избори. Комесарот Хан очекува, во интерес на државата и на народот, сите партии да работат на постигнување на оваа цел“, изјавила портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.
Хан кон средината на следниот месец треба да пристигне повторно во Македонија за да увиди до каде е процесот на подготовка на предвремените парламентарни избори чие одржување и тој го поддржа да се случи на 24-ти април. Притоа можно е еврокомесарот да се сретне само со претставници на Државната изборна комисија (ДИК), на ОБСЕ/ОДИХР и други страни инволвирани во подготовка и организирање на изборите, но не и со претставници на политичките партии во земјата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“