Екипа од Институтот за земјотресно инженерство утрово ја посети централната зграда на основното училиште „Братство единство“, каде родителите претходно најавија бојкот на наставата затоа што сеуште не се санирани оштетувањата на објектот по земјотресите кои го зафатија летово охридскиот регион.
Од ИЗИС информираа дека објектот е безбеден за следење на настава, освен главниот влез чија санација ќе започне деновиве, со оглед на тоа што веќе е избрана фирмата која ќе ги изврши градежните зафати.
– Задоволни сме што претставниците од ИЗИС ја потврдија безбедноста на објектот, што треба и писмено да ни биде доставено. Побаравме санацијата на влезот да не биде подолга од 45 до 60 дена, да се овозможи користење на уште две простории од објектот кои засега не се користат, како и да се обезбеди уште еден излез. Одлучено е учениците да започнат со следење на наставата од среда, вели претседателот на Советот на родители, Емир Муфти.
Директорот Муамер Доко информира дека утре ќе се одржи и вонреден нанставнички совет на кој детално ќе бидат информирани наставниците околу случувањата.
– Ќе биде активиран и споредниот излез кој привремено ќе се користи додека не заврши санацијата. Две паралелки кои се до главниот влез ќе бидат превентивно дислоцирани, изјави директорот Доко.
Пропуштените часови ќе се одработат во некоја од наредните саботи.
OhridNews














