Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид во рамки на проектот “Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија”, викендов, организираше Еко-караван по патеките на Илинска-Плакенска Планина.

Еко-караванот стартуваше од Охрид и опфати фотографирање и собирање растителни видови за изработка на хербариум од флората на Илинска-Плакенска Планина.

Главниот настан беше на локалитетот Илинска црква каде членови од друштвото делеа информативни материјали и се дискутираше со присутните за одржливо искористување на флората од планината.

-Целта на настанот беше да ја подигне свеста на населението и да информира за значајните видови растенија на Илинска-Плакенска Планина кои имаат медицинско/комерцијално значење, односно се експлоатираат најмногу од страна на локалното население.-информираат од ЕД „Грашница“.

На еко-караванот учество зедоа членови од друштвото, заинтересирани граѓани, претставници од институции одговорни за управување со природните ресурси, собирачи на лековити растенија и други. Во наредниот период претстои организација на неколку слични настани кои имаат цел зачувување и заштита на богатиот растителен свет на Илинска-Плакенска Планина со вклучување на месното население и заинтересирани граѓани, истакнуваат од еколошкото друштво „Грашница“.

OhridNews