Велосипедските клубови од Куманово, Вело – М и Цикло Спорт, традиционално повеќе од 10 години по повод празникот 11 Октомври во Куманово го одржуваат друмскиот велосипедски натпревар – Трофеј 11 Октомври.
За прв пат оваа година манифестацијата добива пошироки размери на меѓународен натпревар со присуството на клубовите Железничар од Ниш – Србија и ЦСКА од Софија – Бугарија.
Од Охридскиот клуб Екодром на овој натпревар учество зедоа 7 натпреварувачи во 3 категории. Христијан Николоски во категорија – Јуниори, Јован Јованоски, Петар Упевчески, Новица Велјаноски, Стојан Пешликоски и Александар Колески во категорија – Кадети и Сара Пешликоска во категорија – девојки.
Самиот натпревар претставува интересен настан особено за публиката поради тоа што се одвива по булеварите низ Куманово, всушност се работи за градски натпревар или т.н. критериум. Патеката по двата булевари со вкупна должина од 4км, натпреварувачите имаа за цел да ја извозат според категории: Сениори 15 кругови, Јуниори 12, Мастерс, Кадети и Девојки 8 кругови.
– Интересен натпревар поради конкуренцијата на натпреварувачите од соседните земји кои дадоја се од себе да се изборат за победа како гости на овој натпревар. Особено интересна беше завршницата на цел кај кадетите, Милан Богданович од Железничар – Србија, национален шампион и Балкански Вице шампион на целта влезе како трет, Јован Јованоски од Екодром – Охрид, Македонскиот Шампион како втор, а Бугарскиот Шампион Александар Димитров како прв. Всушност судиската комисија во евиденција им впиша исто време, бидејки во секунда заеднички влегоја во целта со разлика од по неколку сантиметри на тркалата. Од членовите на Екодром уште на подиумот како второпласирана се искачи Сара Пешликоска кај девојките.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com