Претставникот на еколошкото друштво „Енхалон“ од Струга, Мате Гогоски побара целосна заштита на Охридското Езеро за кое рече дека е оставено без никаква заштита веќе 13 години.
– Има проекти за регуилација на реката Сатеска, никој не ги зема предвид, ниту одобрува средстава, а одобрени се уште од тогашната влада во 1998 година од минатиот век. Проблемот со Сатеска е најголемиот проблем за езерото затоа што самото загадување е помала форма на штетност, но таа го деградира целиот еко-систем, посочи Гогоски.
Урим Каба од Еколошкото друштво „Еко-вел“ од струшкото село Велешта што функционира во Дримколкскиот регион истакна дека државата многу малку внимание посветува на заштита на реката Црн Дрим.
Спорд Борис Стојаноски од Еколошкото друштво „Грашница“ од витално значење за животната средина е решавање на проблемот со колекторскиот систем, но и подобрување на хигиената и воведување комунален ред на плажите.
– Тука е и проблемот со концесионерите на плажите кои наводно немаат договори со „Охридски комуналец“ за одржување на хигиената. Нас како екологисти тоа не не интересира, не интересира животната средина. Ќе проговориме и за пловните објекти кои се повеќе ги има на езерото, кое како систем не може да ги издржи, рече Стојаноски.
Од Еколошкото друштво „Јагода“ од Охрид го истакнаа проблемот со неконтролираната урбанизација на крајбрежјето, како и проблемот со бучавата, особено во стариот дел на Охрид.
Забелешките и размислувањата на претставниците на невладини организации, еколошки друштва , граѓански здруженија од регионот и институции чии активности претежно се насочени токму кон заштитата на животната средина, серизно ќе бидат земени предвид, истакна министерот Адеми. Тој најави соработка со невладиниот сектор и заедничките активности со цел да се обезбеди чиста природа, чиста вода и воздух.
-Таквите активности секако ќе имаат придонес и за развојот на туризмот како стопанска гранка, додаде Адеми, нагласувајќи дека за таа цел треба да се користат и веќе доделените средства од европските фондови, но и да се аплицира и за нови проекти пред меѓународните донатори.