Екстремни временски појави, како што беше големото невреме што изминатиот викенд го погоди Охридскиот регион, треба да се очекуваат почесто во иднина, велат екологистите, посочувајќи дека големата осцилација на Охридското Езеро кое за неполна година од минимум се искачи над природниот максимум во голема мера е резултат и на климатските промени, на што дополнително влијае човечкиот фактор.

– Ќе имаме уште поекстремни проблеми, нивото на езерото може да се покачи, а исто така ќе имаме моменти кога нивото на Охридското Езеро ќе опаѓа многу како последица на сушна и недостаток од врнежи на дожд и снег. – вели екологистот Лазо Наумоски.

За да се ублажат последиците од климатските промени мора многу повнимателно да се однесуваме кон природата, особено со шумите, кои единствено може да спречат евентуални поплави, укажува Наумоски. 

-Шумите треба да се заштитат за да немаме вакви случувања со Охридското Езеро. При вакви временски услови доколку ги сочуваме шумите, а не ги сечиме тие нема да дозволат при нагло топење на снегот, како што е сега, да дојде до големи поплави. Понирањето на водата ќе се одвива полека и нема да дојде до штети на охридското крајбрежје. – додава Наумоски.

Според него треба да се направи сеопфатна анализа пред да се донесе одлука за враќање на реката Сатеска во старото корито, која покрај вода, носи огромни количини нанос во езерото.

-Најпрвин треба да се спречи наносот од Сатеска да дојде во Езерото, а тоа може да се направи со изградба на две хидроцентрали во Дебрца, а за евентуално пренасочување да се направи сериозна анализа, која во вид треба да ги има климатските промени. – смета Наумоски.

Г.М.