Стравувањата се остварија на најлош можен начин. На десетици тони плашица заробени во каналот Студенчишта, каде оваа риба влегува да презими, им се заканува изумирање поради недостаток на воздух. Рибата е збиена од половина канал кон Билјанини извори кои немаат вода, а поради недостиг на кислород рибата плута на површината од водата каде умира или е нападната од птици.

-Вакво нешто не паметам во мојот живот. Плашицата нема воздух и умира, доколку нешто не се преземе итно, ќе изумре сета. – ни изјави жител на Охрид.

-Итно мора да се преземе нешто. Гледаме по светот како луѓето се организираат да спасат китови делфини, се ангажираат, а тука никој не презема ништо. Каде се сега екологистите и спортските риболовци, што прават надлежните? Доколку нешто не се преземе ќе ја снема плашицата исто како што ја снема пастрмката. – рече револтиран охриѓанец.

-Имам 59 години и во мојот живот немам видено ваква работа. Подобро ќе биде некој да дојде и да ја излови оваа риба, бидејќи до утре ќе изумре, нема воздух и се мачи. – додава друг граѓанин.

Кај Студенчишта можат да се забележат и граѓани како со кепчиња буквално црпат риба од каналот каде полека умира плашицата. Во моментов угината е помала количина, велат стручните лица кои излегоа попладнево на терен, но рибата е во опасност констатираа тие.

Според стручњаците причина за поморот на плашицата е сушата и драматично намаленото ниво на Охридското Езеро кое во последните шест месеци се спушти за речиси еден метар.

Г.М.

Доколку продолжи трендот на опаѓање на нивото на Езерото може да се случи еколошка катастрофа